Заземањето на клучниот украински град Покровск ѝ овозможи на руската армија да продолжи со своите задачи во офанзивните операции во Украина, изјави рускиот претседател Владимир Путин, пренесува „Ројтерс“.
„Ова е важен правец. Сите разбираме колку е значаен. Тоа ќе обезбеди решенија за задачите што ги поставивме на самиот почеток на специјалната воена операција“, рече Путин за време на посетата на командниот центар во неделата.
Русија својата инвазија на Украина, која трае повеќе од три и пол години, ја нарекува „специјална воена операција“.
„Руските вооружени сили самоуверено ја држат иницијативата и продолжуваат да ги извршуваат задачите на операцијата. Руските сили напредуваат речиси на сите правци“, додаде тој.
Според Путин, Украина не била во состојба да реагира на напредокот на руската армија, а посебно ги истакна успесите на југ, во Запорожката област.
Во својата изјава, Путин ги опиша и големите загуби што, како што тврдеше, ги претрпеле украинските сили, нарекувајќи ги „трагедија за украинскиот народ“.



























