Четири лица го загубија животот, а уште 16 се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи на автопатот во Сан Антонио, Тексас.
Според изјавата на полицијата, несреќата ја предизвикал возачот на украдениот автомобил, кој со голема брзина удрил во автобус и предизвикал верижен судар.
Двајца патници од автобусот починале на лице место, додека уште двајца им подлегнале на повредите во болница. Меѓу повредените, како што потврди началникот на полицијата Вилијам Мекманус, има и деца и постари лица, јавува Index.hr.
Инцидентот започнал кога украдениот автомобил „Камаро“ се судрил со приколката која ја влечел автобусот. Поради силата на ударот, возачот на автобусот изгубил контрола врз возилото, кое потоа удрило во заштитната ограда. Во тој момент, автобусот бил удрен и од камион, по што се превртел на страна. Полицијата потврди дека неколку патници при превртувањето паднале од автобусот.
Полицијата соопшти дека неколку лица кои биле во украдениот автомобил избегале од местото на несреќата, а не им пружиле помош на повредените. Според достапните информации, најмалку еден од бегалците бил вооружен.
Бегалците сè уште не се пронајдени ниту идентификувани, а полициската потера по нив е во тек, пренесува NBC News.