Москва, 9 декември 2025 – Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска категорично демантираше тврдењата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека рускиот претседател Владимир Путин сака да го обнови Советскиот Сојуз или да нападне земја членка на НАТО.
„Тоа не одговара на реалноста“, рече Песков, нагласувајќи дека Путин повеќепати јавно истакнал дека обновување на Советскиот Сојуз е невозможно. „Да се зборува за тоа е непочитување кон нашите партнери, сојузници од ЗНД и другите форми на интеграција. Очигледно, господинот Мерц не знае за тоа“, додаде портпаролот на Кремљ.
Во однос на наводните подготовки за напад врз НАТО, Песков ја нарече оваа теза „целосна глупост“ и повика јавноста да се информира од примарниот извор – самиот претседател Путин.
Портпаролот исто така ги коментираше и мировните преговори во Украина. На новинарско прашање за контакти меѓу Русија и САД по средбата на Путин со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет Џеред Кушнер, Песков потврди дека Русија е во постојан контакт со американската администрација и очекува резултати од дискусиите за мировниот план со украинската страна.



























