Американската крајбрежна стража потврди дека кон крајот на минатиот месец го следела рускиот разузнавачки брод „Карелија“, забележан на околу 15 наутички милји од Оаху – доволно близу до клучната воена инфраструктура, иако сè уште во меѓународни води.
Според западни дипломати, овој маневар е дел од поширока руска тактика на „тестирање“ на западната одбрана – од Пацификот до источниот фронт на НАТО. Американски и европски функционери проценуваат дека времето и местото на појавата не се случајни и дека Москва ја проверува реакцијата на САД во чувствителни зони како Хаваи, седиштето на Индо-Пацифичката команда.
Иако крајбрежната стража нагласува дека следењето било „рутинско и професионално“, неофицијално американски извори велат дека се работи за класичен обид да се испита одбранбениот периметар. Аналитичарите посочуваат дека Русија последните недели го зголемува бројот на слични активности и во Европа, што укажува на координиран притисок на повеќе фронтови.
„Карелија“ и претходно била забележувана крај Хаваи, како дел од тактика што ги принудува американските сили да ангажираат ресурси за следење. Во позадина на ова стои и најавата на претседателот Доналд Трамп за повторно активирање на тестирањето на нуклеарно оружје во САД – момент што Москва, според западни извори, го користи за да испрати порака.
Иако непосредна воена закана нема, потезите на Кремљ, велат експертите, се јасен сигнал дека Пацификот станува подеднакво чувствителен безбедносен фронт како и Европа. Американските сили ќе продолжат внимателно да го следат руското присуство и можните идни ескалации.

















![[ВИДЕО] Автомобил удрил во група луѓе во Белград – има загинати и повредени!](https://wsrv.nl/?url=https://eu-central-1.linodeobjects.com/cmsnebula/screenshot-2025-11-14-133322.png&w=256&q=75&we)





