Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека на дневен ред сè уште стои средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта, иако преговорите меѓу руската и американската делегација во моментов се во застој околу прашањето за украинските територии.
Орбан нагласи дека Унгарија е вклучена во преговорите меѓу американската и руската делегација во одредена мера.
Во интервју емитувано на YouTube каналот на комерцијалната телевизија ATV, Орбан изјави дека преговорите се во застој токму поради територијалните прашања. Тој наведе дека 22 проценти од Доњецката област на истокот на Украина сè уште не се под руска контрола.
Орбан истакна дека не се откажал од мировната мисија за Украина и дека ги користи своите врски со Русија со цел да се постигне договор, пренесе агенцијата МТИ.
Трамп и Путин на 16 октомври го имаа осмиот телефонски разговор оваа година. По разговорот, кој траел два и пол часа, помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, најави дека Москва и Вашингтон веднаш ќе почнат подготовки за нова средба меѓу Путин и Трамп, која би можела да се одржи во Будимпешта.
Трамп подоцна соопшти дека ја откажал планираната средба со Путин во Будимпешта, додека Путин изјави дека состанокот најверојатно е само одложен. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Трамп прв сугерирал дека одржувањето на самитот во Унгарија моментално нема смисла, а Путин се согласил со таа проценка.























