Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел има намера да ја преземе контролата врз Појасот Газа за да обезбеди безбедност, да го отстрани Хамас и да воспостави цивилна администрација ослободена од екстремистичко влијание, пренесе Анадолу.
„Целта ни е да ја елиминираме Хамас, да му дадеме слобода на населението и да ја предадеме Газа на управа што не се залага за уништување на Израел“, изјави Нетанјаху за Фокс њуз. Тој додаде дека не станува збор за трајна окупација, туку за воспоставување безбедносен периметар и создавање услови за локална администрација, поддржана од арапски партнери.
На прашањето дали Израел ќе ја врати целата територија, како пред повлекувањето во 2005 година, Нетанјаху одговори: „Не сакаме да ја држиме. Сакаме да ја предадеме на сили кои ќе управуваат правилно и нема да ни се закануваат“.
Израел се соочува со растечко внатрешно незадоволство поради уништувачката војна во Газа, каде од октомври 2023 година се убиени над 61.000 луѓе.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства. Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.