Москва и околината утринава беа цел на масовен напад со дронови, кој предизвика паника меѓу жителите и сериозни нарушувања во функционирањето на градот. Руските власти соопштија дека противвоздушната одбрана соборила најмалку 16 дронови кои се движеле кон главниот град, додека Министерството за одбрана на Русија информираше дека вкупно 93 дронови биле неутрализирани во текот на ноќта, во девет различни региони, од кои 19 над Москва.
Во неколку предградија, вклучително и Зеленград и селото Голубво, граѓаните пријавиле силни експлозии кои предизвикале оштетувања на станбени објекти. Во некои згради се искршени прозорци, а на неколку локации се запалиле автомобили, најверојатно од паднати остатоци од дронови. Жителите сведочат за силни детонации кои ја потресле околината.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, потврди дека во текот на нападот не е пријавено загинување на цивили, но предупреди дека заканата сè уште не е целосно елиминирана.
Поради безбедносни причини, сите аеродроми во московскиот регион – Шереметјево, Домодедово, Внуково и Жуковски – привремено го прекинаа авиосообраќајот. Летовите се пренасочени или одложени, а патниците се повикани да се информираат за промените пред да се упатат кон аеродромите.
Нападот е дел од зачестените напади со дронови на територијата на Русија во изминатиот период, што укажува на ескалација на конфликтот и зголемена ранливост на клучните урбани центри. Властите најавија дополнителни мерки за заштита на воздушниот простор и безбедноста на населението.