Јапонија ги прими првите три борбени авиони од типот „Ф-35 Б“, кои пристигнаа во воздухопловната база Њутабару во префектурата Мијазаки, како дел од планот за модернизација и зајакнување на националната одбрана во услови на зголемени регионални тензии.
Според Јапонските воздухопловни сили за самоодбрана, овие три авиони се дел од првичната испорака од четири, при што четвртиот ловец се очекува да пристигне подоцна. Дополнително, Министерството за одбрана најави дека уште четири „Ф-35 Б“ авиони ќе бидат испорачани до март 2026 година.
„Ф-35 Б“ е верзија на американскиот ловец со можности за кратко полетување и вертикално слетување, што го прави особено погоден за носачи на авиони. Новите авиони ќе бидат распоредени и ќе оперираат од јапонските носачи на хеликоптери „Изуму“ и „Кага“, кои беа специјално модифицирани за да бидат компатибилни со овие борбени летала.
Овој потег се смета за значаен чекор во проширувањето на одбранбените способности на Јапонија, во контекст на зголемени безбедносни предизвици во Индо-Пацифичкиот регион.