Македонскиот алпинист и кардиохирург д-р Сашко Кедев испиша нова страница во историјата на македонскиот спорт и планинарство. Утрово, како дел од меѓународниот тим предводен од „Имеџин Непал“, тој успешно го искачи Гашербрум I (8.080 м) во Пакистан, со што стана првиот Македонец – и единствен во поширокиот регион – кој ги искачил сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри.
Со ова искачување, д-р Кедев го комплетираше најелитниот список во светот на алпинизмот – сите осумилјадници, но и дополнително се вбројува меѓу ретките светски алпинисти кои ги имаат искачено и највисоките врвови на сите седум континенти (т.н. 7 Summits).
Во експедицијата на Гашербрум I учествуваа и Ванг Жонг од Кина, како и искусните непалски алпинисти Дава Гјалје Шерпа и Нгима Нуру Шерпа.
„Со ова успешно искачување, д-р Кедев го означува завршувањето на сите 14 осумилјадници – историски прв за Македонија!“, соопштија од тимот на „Имеџин Непал“.
Д-р Кедев не само што е пионер во македонското алпинизам, туку и инспирација за цела генерација млади кои веруваат дека со упорност, посветеност и љубов кон планината – сè е возможно.
