Во голема акција на италијанските карабинери е разбиена добро организирана мрежа џебџии која со месеци ги тероризирала најпрометните делови на Венеција.
Уапсени се 23 лица, меѓу кои најголем дел се државјанки на Босна и Херцеговина.
Според италијанските медиуми, станува збор претежно за млади жени — повеќето помлади од 27 години — кои делувале на локации со најголем проток туристи, како Piazzale Roma, железничката станица Santa Lucia, станицата во Местре, но и во возови и автобуси.
Истражителите наведуваат дека поединечни членки на групата заработувале и до 2.500 евра дневно — сума што, како што пишува La Verità, ги надминува примањата на голем дел професионални фудбалери во Серија А.
Акцијата е резултат на повеќемесечен надзор и следење на движењето на сомнителните групи. По апсењата, истражната судијка Леа Акампора издаде забрани по барање на обвинителството во Венеција.
Документацијата од истрагата потврдува најмалку 32 кражби со вкупен плен од околу 50.000 евра, но се проценува дека реалниот број е многу поголем.
Посебно загрижува фактот што во кражбите учествувале и малолетнички, некои помлади и од 14 години. Според наодите, младите девојчиња само во историскиот центар на Венеција извршиле најмалку 150 кражби.
Карабинерите опишуваат и брутална внатрешна хиерархија во групите. Бремени жени биле присилувани да крадат, а девојките биле заплашувани со ножеви доколку не донесат доволно пари. Физичкото насилство и постојаното застрашување биле составен дел од нивната „дисциплина“.
Обвиненијата опфаќаат широк спектар кривични дела: тешки кражби, прикривање, физички напади, па сè до перење пари и фалсификување картички.
Истражителите нагласуваат дека станува збор за уиграна, организирана структура која улиците на Венеција ги претворила во „сцена на секојдневни кражби“.























