УТРО.мк

Голема чистка во кинеската армија: Исчезнуваат генерали, Си го „чисти“ патот до Тајван?

Голема чистка во кинеската армија: Исчезнуваат генерали, Си го „чисти“ патот до Тајван?
Vero

Кина се соочува со најголемата внатрешна воена чистка во последната деценија. Над 20 високи офицери на Народноослободителната армија (НОАК) – од копнената војска, морнарицата, воздухопловството и ракетните сили – исчезнале од јавноста или биле отстранети од функциите од 2022 година наваму, покажува анализа на Foreign Affairs.

Особено алармантен е фактот што половина од членовите на Централната воена комисија (CMC) – највисокото воено тело во Комунистичката партија – се веќе сменети. Меѓу нив е и поранешниот министер за одбрана Ли Шангфу, отстранет во октомври 2023, а исклучен од партијата во јуни 2024. Последниот исчезнат генерал е Хе Веидонг, заменик-претседател на CMC и член на Политбирото, кој не е виден во јавност од март, а според Financial Times, и тој е отстранет.

Сите овие офицери биле лично промовирани од страна на Си Џинпинг, што ја прави ситуацијата уште поинтригантна. Тие имаат заедничка поврзаност – потекнуваат од таканаречената „Фуџиен фракција“, блиска до Си, со кого служеле во истата провинција. Сепак, блискоста очигледно не била доволна за да ги заштити од чистката.

Официјалните причини остануваат нејасни – како и обично, се наведуваат „повреди на дисциплината“, но според аналитичарите, главните сомнежи се насочени кон корупција и злоупотреба при набавки и изградба на воени објекти. Дополнително, високите офицери кои градат лични мрежи на лојалност може да се перципираат како закана за апсолутната контрола на Си.

Овие чистки доаѓаат во клучен момент: до 2027 година, кога НОАК одбележува 100 години од формирањето, Си бара армијата да биде „подготвена за успешна инвазија на Тајван“, како што изјави поранешниот директор на ЦИА, Бил Бернс. Иако тоа не значи дека нападот е неизбежен, тоа е јасен показател за сериозноста на амбициите на кинескиот лидер.

Но, ваквите турбуленции во командниот врв може сериозно да ја поткопаат ефикасноста на армијата. Половина од CMC е во празнина, а офицерите, стравувајќи за своите позиции, сè повеќе ќе се воздржуваат од иницијатива и одлучност – што е контрапродуктивно за еден толку сложен воен систем.

И додека светот се прашува дали Кина ќе тргне во воена авантура, една работа е сигурна: ако Си процени дека нападот на Тајван е неопходен, ќе го нареди – независно од состојбата на армијата.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран