Истражување спроведено од „Гардијан“, „Watershed Investigatives“ и „Investigate Europe“ откри дека илјадници депонии низ Велика Британија и Европа се сместени во подрачја подложни на поплави, што значително ја зголемува опасноста токсичниот отпад да заврши во вода за пиење и екосистемите.
Од 61.000 депонии кои биле мапирани, околу 28% се наоѓаат во ризични подрачја, а вистинскиот број локации во опасност може да достигне и до 140.000.
Професорот Патрик Бирн од Универзитетот „Џон Мурс“ во Ливерпул предупредува дека поради почестите и поинтензивните поплави предизвикани од климатските промени, ризикот од испуштање на хемикалии и токсични метали во животната средина се зголемува.
На некои депонии биле пронајдени високи нивоа на „вечни хемикалии“ PFAS и полихлорирани бифенили (PCB). Во Чешир, PFAS биле 20 пати над дозволените граници за вода за пиење, додека во Грција биле регистрирани високи нивоа на PFA, како и истекување на жива и кадмиум во реката Недонтас.
Повеќе од половина од мапираните депонии се во зони каде подземните води веќе не ги исполнуваат хемиските стандарди, што укажува дека историските депонии веќе придонесуваат за контаминација.
Европските експерти предупредуваат дека фрагментираните и непотполни податоци за депониите ја отежнуваат проценката и управувањето со ризикот. Исто така, нелегалното фрлање отпад се уште претставува растечки проблем во повеќе земји.
Долгорочно решение е подобро мапирање на депониите, управување со хемикалиите и инвестирање во рециклирање и намалување на отпадот.



























