Европската комисија ѝ понуди гаранции на Белгија дека нема сама да ги носи последиците доколку 140 милијарди евра од рускиот замрзнат имот, што моментално ги држи Euroclear во Брисел, биде запленет и искористен како заем за Украина, објави агенцијата Белга.
Комисијата планира овие средства да ги употреби за финансиска и воена поддршка на Украина во следните две години. Белгија, која стравува од можни правни и финансиски последици – како и од евентуална руска одмазда – бара цврсти гаранции дека ризиците ќе се споделат со другите земји членки.
Во писмо испратено во понеделникот до земјите од ЕУ, Комисијата нагласува дека Белгија нема да биде оставена сама да го носи товарот.
Според копија од документот што го објавија неколку медиуми, земјите членки ќе треба да обезбедат „правно обврзувачки, безусловни и неповратни“ гаранции засновани на нивното национално богатство, за да се осигура способноста на ЕУ да го отплати долгот.
Гаранциите би ги покривале и ризиците од арбитража или правосилни судски одлуки поврзани со билатерални инвестициски договори за рускиот замрзнат имот – дури и по евентуалното укинување на санкциите. Тоа го вклучува и договорот од 1989 година меѓу Белгија, Луксембург и Русија. Можно е Украина да добие заем од околу 140 милијарди евра за покривање на потребите во 2026 и 2027 година. Исплатата на заемот би започнала дури кога Украина ќе добие репарации од Русија.
Покрај Euroclear, иницијативата може да се прошири и на готовинските средства од рускиот замрзнат имот што се држат во други финансиски институции низ ЕУ, со што вкупната сума би пораснала од 185 на околу 210 милијарди евра.
Во писмото се наведува дека гаранциите ќе останат во сила и по укинувањето на санкциите.
Документот протече по едночасовната средба меѓу белгискиот премиер Барт де Вевер и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, на која се разговарало токму за прашањето на рускиот замрзнат имот.



























