Елитната руска единица „Рубикон“ – специјализирана за електронско војување и лов на оператори на беспилотни летала – драматично го менува соодносот на силите на фронтот и ја поништува некогашната предност на Украина во дрон-операциите, пишува „Фајненшл тајмс“.
Украинските оператори на беспилотни летала, кои речиси две години им нанесуваа тешки загуби на руските сили, сега се под постојан надзор и директни напади. „Рубикон“ комбинира борбени дронови, напредни системи за електронско извидување и брза ротација на своите тимови за да ги лоцира и елиминира операторите длабоко зад линијата на фронтот – дури и до 10 километри.
„Дронот можеш да го замениш, но пилотот е незаменлив“, вели украинскиот оператор Дмитро, кој раскажува дека за влакно избегнал смрт кога руски дрон почнал да го следи над шума во близина на бојните позиции.
Појавата на „Рубикон“ предизвика остар пресврт на дигиталното бојно поле, уривајќи ја една од најсилните тактички предности на Киев. Неговата ефикасност дополнително ја притиска украинската армија, која и онака се брани од поголемите и подобро финансирани руски сили.
„Рубикон е нашиот најголем проблем“, признава Артем Карјакин, украински војник од линијата кај Покровск – стратегиски важен град што, по една година жестоки борби, е на чекор од пад.
„Да Русите немаа толку добро обучени оператори на дронови, нивната пешадија немаше да може да навлезе во градот“, додава тој. „Во моментов, да се биде оператор на беспилотно летало е исклучително опасно.“























