
Американски армиски борбен хеликоптер „Апачи“ се урнал во близина на Ормускиот Теснец, а двајцата членови на екипажот биле безбедно спасени, јавуваат американските медиуми.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека пилотите се во добра состојба и дека во инцидентот нема повредени. Говорејќи на Меѓународниот аеродром „Џон Кенеди“ во Њујорк пред заминувањето за Вашингтон, тој најави дека администрацијата во текот на денот ќе објави официјален извештај за несреќата.
Според информациите објавени од „Њујорк тајмс“, станува збор за американски армиски хеликоптер „Боинг AH-64 Апачи“, кој се урнал во стратешки чувствителната област кај Ормускиот Теснец.
Засега не е позната причината за падот на леталото. Според извори запознаени со случајот, сè уште се испитува дали станува збор за механички дефект, технички проблем или евентуално дејство од надворешен фактор.
Американските власти најавуваат дополнителни детали по завршувањето на првичната истрага за инцидентот.

















