Во четири од десет скопски општини и во Градот Скопје граѓаните утре повторно ќе излегуваат на гласање за да изберат градоначалници во вториот круг од Локалните избори 2025.
Во втор круг ќе се гласа во општините Аеродром, Карпош, Центар, Шуто Оризари и во самиот Град Скопје.
Во трката за градоначалник на Град Скопје се кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, кој во првиот круг освои 91.663 гласа или 39,41 проценти, и кандидатот на ПП Левица, Амар Мециновиќ, со освоени 30.665 гласа или 13,18 проценти. Во првиот круг во главниот град гласале 232.581 граѓанин, што претставува излезност од 49,04 проценти.
Во Општина Аеродром, во вториот круг се натпреваруваат актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Дејан Митески, кој освои 16.257 гласа (49,11%), и кандидатот на СДСМ и Коалицијата, Александар Трајановски, со 6.881 глас (20,78%). Право на глас имаат 68.772 избирачи.
Во Карпош во втор круг влегуваат Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со освоени 10.284 гласа (34,51%) и актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Коалицијата „Искуство за успех“ со 8.761 глас (29,40%).
Во Центар, градоначалничката трка продолжува меѓу актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ и Коалицијата, Горан Герасимовски, кој освои 8.535 гласа (38,19%), и Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ со 5.707 гласа (25,54%).
Во Шуто Оризари во втор круг ќе се соочат актуелниот градоначалник Курто Дудуш од Унија на Роми, кој доби 3.223 гласа (36,43%), и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Ерџан Демир, со 1.841 глас (20,81%).
Во останатите шест скопски општини градоначалниците беа избрани уште во првиот круг. Втор мандат освоија актуелните градоначалници на Бутел, Гази Баба и Ѓорче Петров.
Во Бутел победи Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со 52,96% од гласовите, во Гази Баба Бобан Стефковски со 58,42%, а во Ѓорче Петров Александар Стојкоски со 56,07%.
Во Кисела Вода за градоначалничка е избрана Бети Стаменкоска-Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ со 57,20%, во Сарај Мухамет Елмази од Коалицијата Вреди со 50,28%, а во Чаир Изет Меџити од Коалицијата Вреди со 51,78% од гласовите.































