Градот Скопје годинава ќе добие новогодишно украсување и организирана прослава, за што ќе бидат потрошени 70.000 евра, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на седницата на Советот на Град Скопје, на која се расправаше ребалансот на буџетот.
Иако во првичниот буџет за 2025 година не беа предвидени средства за украсување, одлуката е донесена откако поранешната градоначалничка Данела Арсовска не распишала тендери за оваа намена. Претходните години главниот град се украсувал само десетина дена пред Нова година, а јавноста ретко добивала информации за изведувачите и трошоците.
На седницата, советничката од СДСМ, Кети Штерјова, побара објаснување од градоначалникот за изворот на средствата и висината на сумата. Ѓорѓиевски одговори дека точната ставка во ребалансот сè уште не е дефинирана, но дека финансискиот план е рационален.
– За прослава на Нова година ќе има 70.000 евра. Сметам дека тоа е сосема нормално за една достоинствена прослава за скопјани – изјави градоначалникот.
Од Град Скопје најавуваат дека деталите за програмата, изведувачите и концептот на украсувањето ќе бидат објавени во наредните денови.























