Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска одржа работна средба со амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, на која беа поставени темелите на визијата за нашиот главен град.
Ѓорѓиевски пред високиот гостин ја презентираше својата развојна стратегија за Скопје, базирана на најстрогите европски стандарди, зелени политики и продлабочена меѓународна соработка.
Главен фокус беше ставен и на оживување и унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон. Двете страни интензивно разговараа за конкретни можности за нови заеднички проекти и иницијативи кои директно ќе го подобрат животот на граѓаните.
Градоначалникот Ѓорѓиевски беше јасен и недвосмислен:
„Нашиот стремеж е Скопје целосно да ги интегрира европските стандарди во секој сегмент – од економскиот развој и културата до зелените политики! Ова е патот кон модерна европска метропола!“
Амбасадорот Ле Риголер, пак, ја изрази целосната подготвеност на Франција да не остави Скопје да чека!
„Подготвени сме да го споделиме нашето богато искуство и иновативни иницијативи кои ќе дадат огромен придонес за подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Скопје!“
На крајот, двете страни се согласија дека континуираната институционална комуникација е важна за отворање на нови, долгорочни партнерства и мега-проекти. Ѓорѓиевски е убеден дека оваа соработка е голем чекор кон оформување на Скопје како современ европски град, ориентиран кон иновации и меѓународна отвореност.



























