Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека Финансиска полиција започнала истрага за сериозни злоупотреби во јавното претпријатие Комунална хигиена, кои, според него, изнесуваат околу 300 милиони евра. Тој посочи дека во центарот на истрагата се исплати на плати за лица кои воопшто не се појавувале на работа, како и други нерегуларности.
„Постојат лица кои со месеци, некои и со години, не оделе на работа, а земале плата. Има и случаи на лица кои се во куќен притвор или се затвореници, а сепак добивале плата од Градот Скопје. Исто така, има случаи на наводни интелектуални услуги и активирање на камиони со астрономски исплати за физички лица кои наводно работеле за Комунална хигиена“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека истрагата може да води и до повисоки институции и додаде дека сите кои направиле прекршувања треба да одговараат, вклучувајќи ги и директорите и потписниците на исплатите.























