Во општина Бутел денес официјално започна изградбата на мега паркот, проект што го означува стартот на реализацијата на првите ветувања од програмата на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски. Новиот зелен простор ќе се простира на површина од 8.000 квадратни метри долж булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“. Ќе опфати богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес зони – содржини наменети за сите возрасти.

– Парковите се вистински зелени оази кои придонесуваат за поздрав живот и почиста животна средина. Инвестицијата во зелени површини е инвестиција во здравјето и иднината на градот – истакна Ѓорѓиевски.
Ова е еден од четирите мега паркови најавени во програмата на градоначалникот, а дополнително се предвидува изградба на околу 50 мали паркови во сите скопски општини, со цел секој дел од градот да добие свој зелен агол.

Во рамките на инфраструктурниот бран што следува во Бутел, ќе се изгради кружен тек на крстосницата меѓу улиците „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“, како дел од стратегијата за уредување на 50 критични крстосници низ Скопје, со цел поголема безбедност и ред во сообраќајот.
Ќе се реконструираат и улиците „Бутелска“ и „Радишанска“ со нов асфалт, улично осветлување, пешачки патеки и атмосферска канализација што ќе го реши проблемот со поплави.
Меѓу поголемите проекти кои следуваат се реконструкцијата на Стариот Качанички пат, развојот на Економската зона Визбегово и ревитализацијата на реката Серава со зелени коридори, велосипедски и пешачки патеки.
„Скопје го правиме заедно. По скопски“, порача Ѓорѓиевски.























