Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес потпиша одлука за јавна набавка за изградба на првата фаза од првата подземна сообраќајница во главниот град. Сообраќајницата ќе се гради на булевар „Македонија“, на потегот од под „Лимак“ до влезот на Кисела Вода.
„По завршувањето на правната постапка, веднаш започнуваме со работа. Овој проект е капитална инвестиција што ќе го растовари сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и ќе донесе нова динамика во срцето на градот“, изјави Ѓорѓиевски.
Подземната сообраќајница ќе има шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај, две за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Планирани се и следни фази за изградба на кружни текови кај „Нова Македонија“ и на потегот кај булевар „Кочо Рацин“ и улица „Железничка“, кои ќе овозможат побезбеден и побрз проток со паметни и современи решенија според европските стандарди.
„Со пуштањето во употреба на подземната сообраќајница под „Лимак“, Скопје ќе го добие своето прво подземно сообраќајно чудо, нешто што досега не било својствено за нашиот град. Сообраќајот ќе се одвива непречено, а центарот ќе стане многу покомфорен и побезбеден простор за сите“, потенцираше градоначалникот.
Според Ѓорѓиевски, овој проект е еден од најзначајните за градот и симбол на новото време за Скопје.























