Орце Ѓорѓиевски, денес ја посети општина Шуто Оризари, каде што оствари средби со граѓани, локални претставници и членови на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Шуто Оризари е уникатна, весела и полна со дух и топлина, како и секогаш“, изјави Ѓорѓиевски, истакнувајќи дека приемот од страна на жителите бил фантастичен.

Тој заедно со својот тим прошета низ локалниот пазар, разговараше со бројни граѓани, испи кафе во пријателска атмосфера и ја слушна нивната загриженост за проблемите кои со години се провлекуваат во општината. Ѓорѓиевски потенцираше дека не е политичар кој се појавува само за време на избори.

„Внимателно ги слушнав сите нивни барања и предлози. Разговаравме отворено за сè што им било ветено, а не остварено од градските власти во изминативе години“, рече тој, додавајќи дека ќе продолжи да биде присутен и активен во решавањето на локалните проблеми.

Ѓорѓиевски се обврза дека ќе биде сојузник, поддршка и пријател на Шуто Оризари и дека заедно со жителите ќе работи на решавање на секојдневните предизвици.
„Скопје е град за сите – за Македонци, Албанци, Роми, Турци, Власи, Бошњаци… И само заедно можеме да го направиме достоинствено, чисто и функционално место за живеење“, порача Ѓорѓиевски.