УТРО.мк

ШЕСТ АВТОПАТИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ ПАРАЛЕЛНО: Ќе се градат Скопје – Блаце и Кичево – Букојчани, Кичево-Охрид конечно пред целосно завршување!

ШЕСТ АВТОПАТИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ ПАРАЛЕЛНО: Ќе се градат Скопје – Блаце и Кичево – Букојчани, Кичево-Охрид конечно пред целосно завршување!
Vero

Во втората половина од 2026 година Македонија влегува во досега најинтензивниот инфраструктурен период, со шест автопатски делници што ќе се градат истовремено низ државата. Владата најавува дека во наредните месеци ќе започнат нови проекти, додека дел од веќе започнатите автопати се приближуваат до финалната фаза.

Според најавите, до крајот на јуни или на почетокот на јули треба да стартуваат градежните работи на втората делница од автопатот Скопје – Блаце. Истовремено, во септември или октомври се очекува да почне и изградбата на автопатската делница Кичево – Букојчани.

Во тек е и интензивна работа на комплетирањето на автопатот Кичево – Охрид, како и на делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола, кои се реализираат во рамки на договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Автопатот Кичево – Охрид, со вкупна должина од 57 километри, е еден од најочекуваните инфраструктурни проекти во земјата. Од него веќе се пуштени во употреба 34 километри, а делницата Извор – Врбјани треба да биде завршена најдоцна до септември или октомври годинава. Владата не ја исклучува можноста оваа делница да биде пуштена во сообраќај уште до 8 Септември – Денот на независноста.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека целосното завршување на автопатот Кичево – Охрид се очекува во првиот квартал од 2027 година. За преостанатите работи веќе се обезбедени финансиски средства, спроведени се тендерските постапки и избрани се изведувачи, додека се чека финална согласност од заемодавачите.

По раскинувањето на договорот со кинеската Ексим банка, државата обезбеди 175 милиони евра преку домашните банки за конечно затворање на проектот. Средствата ќе бидат искористени за довршување на споредните патишта, поставување сигнализација, заштитни огради и инсталирање безбедносна опрема во тунелите.

Во меѓувреме, делницата Букојчани – Кичево, долга 11,5 километри, треба да започне да се гради во текот на есента. Проектот ќе се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој, вреден речиси 220 милиони евра.

Напредок се очекува и на автопатот Скопје – Блаце. За втората делница, долга 10,5 километри, веќе е избран изведувач, а по завршувањето на жалбените постапки градежните активности би можеле да започнат уште во текот на овој или следниот месец. Вредноста на инвестицијата изнесува 215 милиони евра, обезбедени преку ЕБРД.

Од проектот што го реализира „Бехтел и Енка“, првите 11,5 километри од автопатот Прилеп – Битола се очекува да бидат пуштени во употреба до септември 2027 година. Владата информира дека финансиската конструкција е затворена до крајот на годинава, а од 2027 до 2029 година се планираат инвестиции од околу 250 милиони евра годишно.

Според владините проценки, најголемиот дел од инфраструктурните активности треба да бидат завршени до крајот на 2029 година, додека евентуалните преостанати работи би се реализирале во текот на 2030 година.

За делницата Требениште – Ќафасан, која засега е единствената од пакетот на „Бехтел и Енка“ што сè уште не е започната, повеќе детали се очекуваат кон крајот на месецот, по посетата на претставници на УНЕСКО.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin