УТРО.мк

Проданоски: Делото на Светите Кирил и Методиј е темел на нашето образование и национален идентитет

Проданоски: Делото на Светите Кирил и Методиј е темел на нашето образование и национален идентитет
Vero

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, по повод 24 Мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј, упати честитка до граѓаните, истакнувајќи дека делото на сесловенските просветители претставува темел на македонскиот јазик, писменост и култура.

„Денеска со гордост и длабока почит се навраќаме кон делото на светите браќа Кирил и Методиј, кои му дадоа духовна и културна сила на словенскиот свет. Тие му подарија на народот можност да учи, да се просветлува и да го слуша Божјото слово на свој, разбирлив јазик“, порача Проданоски.

Тој информираше дека по повод празникот присуствувал на Светата Божествена Архиерејска Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“ – Параклис во Прилеп, каде што била оддадена почит на нивното просветителско дело.

Со литургијата чиноначалствувал митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение со митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола и прилепските свештенослужители.

Проданоски нагласи дека македонскиот јазик, писменоста и просветата се богатство кое мора да се чува и да се пренесува на идните генерации.

„Во време на брзи промени, токму образованието и културата се најсилниот чувар на нашата самобитност и достоинство“, истакна тој.

На крајот, градоначалникот упати честитки до сите кои го слават својот именден, посакувајќи им здравје, мир, среќа и духовен благослов.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран