Пожарот што избувна околу пладне на планината Жеден, на територија на Општина Желино, се проширува кон месноста Еребино, каде се наоѓа армиска база, а во близина минува автопатот Тетово–Скопје. Поради опасноста, автопатот е затворен во двата правци.
Огнот зафатил сува вегетација и грмушки, а на терен се пожарникарите од Тетово, како и специјализирани екипи за гаснење шумски пожари. Дополнително се испратени и возила од Град Скопје, два пинцгауера од Дирекцијата за заштита и спасување и еден хермелин.
„Итно е испратена екипа на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Набргу ќе пристигнат и 2 пинцгауери и 1 хермелин“, изјави Надица Вучкова од ЦУК.