Општините имаат клучна улога во унапредувањето на безбедноста во сообраќајот, а нивната соработка со централните институции е неопходна за поефикасни превентивни политики и мерки. Тоа беше главната порака на Националната конференција „Безбедност на сообраќајот во локална самоуправа“, што денеска се одржа во Скопје, на која учествуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Конференцијата беше организирана од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со поддршка од Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски и Заедницата на единиците на локална самоуправа. На настанот се обратија првите луѓе на институциите, нагласувајќи ја важноста на координираните активности.
Посебно внимание беше посветено на темите поврзани со урбанистичкото и сообраќајното планирање. Проф. д-р Јасмина Буневска-Талевски од Техничкиот факултет во Битола говореше за влијанието на овие процеси врз безбедноста на сообраќајот на локално ниво, додека проф. д-р Зоран Јошевски, член на Републичкиот совет, презентираше анализи за управувањето со сообраќајната безбедност во општините.

Битола, како општина која моментално работи на нов Генерален урбанистички план и нови сообраќајни решенија, веќе има изработено и студија за „Сејф сити“, која поставува основа за системско подобрување на безбедноста.
На конференцијата градоначалникот Коњановски го стави својот потпис на Декларацијата за безбедност во сообраќајот на патиштата, во која се нагласува дека ниту еден изгубен живот или сериозна повреда во сообраќајот не смее да биде прифатлива. Со тоа, Општина Битола се обврза активно да го промовира и применува „Сејф сити“ пристапот за создавање побезбеден сообраќаен систем.



























