Царинската управа заплени 2.500 инфузиски медицински сета – игли, шприцеви, канили и системи за инфузија – кои се ризични за здравјето на граѓаните, соопшти директорот Бобан Николовски во интервју за Алфа телевизија. Тој истакна дека годинава се запленети над 10.000 парчиња лекови.
– Последниот случај ја покажува нашата заложба за заштита на здравјето на граѓаните. При детална контрола на инфузиски материјал откривме дека станува збор за кинеска стока, наместо германска која имала дозвола за увоз. Поради тоа што сетовите не ги задоволуваат медицинските стандарди и не се безбедни за употреба, стоката е запленета и ќе биде уништена, а против увозникот е поведена соодветна постапка – истакна Николовски.
Директорот додаде дека минатата година биле спречени два меѓународни канали за нелегална трговија со анаболични стероиди, при што биле запленети 600.000 килограми супстанци штетни по здравјето на граѓаните.























