Денеска во Македонија се одржува вториот круг од локалните избори за градоначалници во 32 општини и Градот Скопје. Победник ќе биде кандидатот што ќе освои најголем број гласови, без разлика на излезноста, бидејќи во овој круг не се применува цензус.
Во првиот круг беше потребно да гласа најмалку една третина од вкупниот број избирачи, а од нив повеќе од половина да се изјаснат за еден кандидат. Во вториот круг, пак, граѓаните избираат меѓу двајцата кандидати со најмногу гласови од првиот круг, а градоначалник станува оној што ќе добие повеќе гласови.
Според Изборниот законик, доколку и по вториот круг не се изврши избор на градоначалник – од било кои причини – Државната изборна комисија (ДИК) има рок од 15 дена да ја извести Владата. Потоа, Владата во ист рок назначува повереник кој привремено ќе ги врши надлежностите на градоначалникот. По именувањето, Владата во рок од 15 дена го известува претседателот на Собранието за распишување нови избори.
ДИК првичните резултати ги објавува по електронски пат сукцесивно, а официјалните резултати врз основа на записниците од општинските изборни комисии во рок од 12 часа по затворањето на гласачките места. Конечните резултати се објавуваат најдоцна 24 часа по нивната верификација.
Право на глас во вториот круг имаат 1.013.375 избирачи, од кои 474.304 гласаат за градоначалник на Град Скопје. Гласањето се одвива од 7 до 19 часот, со сино хемиско пенкало и тајно зад параван.
Во скопските општини Центар, Аеродром и Карпош гласачите добиваат две ливчиња – едно за градоначалник на Град Скопје и едно за градоначалник на општината. Во останатите општини се гласа само за локален градоначалник.
Во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, каде што во првиот круг не беше постигнат потребниот цензус, во рок од 60 дена ќе започне нова изборна постапка.































