Судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“, каде што загинаа 63 лица, а речиси 200 беа повредени, денеска продолжува со третото рочиште. Очекувани се воведните зборови на одбраната – дел кои требаше да бидат изнесени уште минатата недела, но беа одложени по барање на бранителите.
Адвокатите на обвинетите инсистираа интегрираниот обвинителен акт, кој претходно им бил испратен само на бранителите, официјално да им биде доставен и на обвинетите. „Не е работа на адвокатите да бидат судски доставувачи“, посочи Петре Шилегов, бранител на еден од обвинетите.
Поради ова, судијката Диана Груевска-Илиевска ги одложи воведните зборови и остави рок од шест дена за формална достава на обвиненијата и до самите обвинети.
На истото рочиште беше отворено и прашањето за отштетните побарувања на оштетените. Но, постапката не можеше да биде довршена, бидејќи не постоеја точни контакт-податоци за сите оштетени. Судијката побара ажурирана листа со имејл-адреси и најави дека паралелно со доставата на обвиненијата, ќе бидат испратени и известувања до сите оштетени да се појават на судење за да се изјаснат за нивните побарувања.
Иако беше најавена динамика од две судења неделно, поради административните пропусти и недостигот на податоци едното рочиште мораше да биде одложено, па процесот продолжува денеска.
За трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето започна на 19 ноември, со воведни зборови од застапниците на оштетените.



























