УТРО.мк

Судењето за пожарот во „Пулс“ ќе се одвива непречено: Судот, обвинителството и адвокатите се обврзаа на брз и дисциплиниран процес

Судењето за пожарот во „Пулс“ ќе се одвива непречено: Судот, обвинителството и адвокатите се обврзаа на брз и дисциплиниран процес
Vero

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при кој загинаа 63 лица, ќе се одвива непречено и без застој, порачаа денеска претседателката на Судот Даниела Димовска, државниот обвинител Љупчо Коцевски и претседателот на Адвокатската комора Љубомир Михајловски. Тие истакнаа дека Кривичниот суд, Јавното обвинителство и Адвокатската комора ќе сторат сè за процесот да се одвива со ред и дисциплина.

„Основниот кривичен суд ќе преземе сè што е неопходно за да се обезбеди што е можно побрзо и поефикасно судење“, изјави Димовска на брифингот за медиумите, на кој присуствуваа и Коцевски и Михајловски.

Судењето ќе почне во среда, на 19 ноември, а процесот ќе го води судијката Диана Груевска Илиевска. Тоа ќе се одржува во големата дигитализирана судница во рамките на затворот „Идризово“. Поради обемот на предметот, бројот на обвинетите и оштетените (над 200 лица), како и интересот на јавноста, судењето се смета за едно од најголемите досега.

Димовска истакна дека ќе се одржуваат по две рочишта неделно и апелираше да нема одложувања, со строго следење на лекарските оправдувања и друга документација за одложување од здравствени причини. Таа посочи дека за предметот е назначен и резервен поротник и резервен записничар за да се избегнат застои.

„Апелираме до бранителите барањата во текот на процесот да ги упатуваат до кривичниот совет, надвор од главната расправа, со цел да нема застој“, додаде Димовска.

Обвинителот Коцевски потенцираше дека нема да дозволат ниту едно рочиште да биде одложено по вина на обвинителството, кое ќе го застапуваат 15 обвинители. „Обвинителите истрагата ја водеа по сектори, па на судењето ќе доаѓаат согласно делот од доказите што ќе се изведува“, изјави тој.

Претседателот на Адвокатската комора Михајловски рече дека ги цени напорите на судот и дека адвокатите ќе имаат услови за работа. „Се знае дека во судница ќе има правна борба, но ако странките ги почитуваат правилата, ќе имаме квалитетно судење“, истакна Михајловски, додавајќи дека медиумите имаат одговорност точно да известуваат, а судот ќе ја обезбеди безбедноста во судницата.

За пожарот се обвинети 34 физички и 3 правни лица, меѓу кои тројца поранешни градоначалници на Кочани, директори на Дирекцијата за заштита и спасување, државни службеници, овластени градежни инспектори и сопствениците и управителите на „Класик ДМ“, чија подружница е „Кабаре Пулс“.

Катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ настанал од пиротехника за време на концертот на популарниот бенд ДНК, чии членови загинаа.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран