Министерот за транспорт и врски Александар Николоски на Економскиот форум во Виена истакна дека Македонија моментално ги реализира најголемите инфраструктурни проекти досега – изградба и модернизација на патиштата и железничките линии на Коридорите 8 и 10, со цел побрз регионален развој и подобра поврзаност со Централна и Југоисточна Европа.
Тој посочи дека на Коридор 8 се гради целосно нов автопатски систем и се реконструираат граничните премини, а вкупната инвестиција ќе достигне околу 1,5 милијарди евра. Со новиот дел на Коридорот 10д, патувањето меѓу Скопје и Атина ќе се скрати од сегашните 8–8,5 часа на околу 5–5,5 часа.
Голем акцент е ставен и на железничката инфраструктура. Николоски најави изградба на брза железница на Коридор 10, со патнички возови до 250 км/ч и товарни возови од 140 км/ч и должина до 750 метри – најдолгите што се користат во Европа. Според него, овој проект, вреден околу 2 милијарди евра, ќе биде најголемиот во Југоисточна Европа и ќе го скрати транспортот на стоки кон Европа за неколку дена.
Од пролет започнува изградбата на делницата кон Грција, паралелно со нивните активности од Солун до границата. Македонија и Бугарија веќе потпишаа договор за меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8, во чие поврзување двете земји заеднички инвестираат околу 2 милијарди евра. До 2031 година се очекува редовна железничка линија Скопје–Софија–Бургас.
Николоски додаде дека државата се одлучила за европски партнери во реализацијата на проектите, а не за кинески финансии, и дека Велика Британија веќе обезбедила значителни средства за поддршка. Очекувањата се дека новата железничка мрежа ќе донесе повеќекратно зголемување на приходите од транзит и значителен економски импакт за целиот регион.



























