Железничкиот сообраќај во државава од ноќеска е целосно нормализиран, откако Синдикатот на машиновозачи го прекина бојкотот по синоќешните преговори со раководството на МЖ Транспорт и претставници од Министерството за транспорт.
„Преговорите вродија со плод. Дел од нашите барања се прифатени и колегите одлучија да го прекинат бојкотот за да не се создаваат дополнителни трошоци. Сообраќајот е нормализиран од 01:30 часот, а првиот воз тргна за Куманово во 4:57“, изјави за МИА Тони Димовски, претседател на Синдикатот на машиновозачи и претставник на машинскиот и извршниот персонал во МЖ Транспорт.
Тој најави дека дијалогот со раководството ќе продолжи.
Бојкотот започна вчера во 13:30 часот, при што беа стопирани пет патнички линии – две кон Битола и по една кон Куманово, Гевгелија и Велес. Товарниот сообраќај немаше значајни застои, освен повремени доцнења поради активности на пругата.
Синдикатот на 2 октомври доставил 15 барања, меѓу кои исплата на прекувремени часови, бонус-плата за над 150 прекувремени часа, зголемување на коефициентот за 0,80 поради растот на трошоците за живот, како и додаток од 10 проценти при вонредно повикување на работа.



























