Министерството за внатрешни работи набави нова генерација специјализирани возила за мобилно мерење на брзината – современи модели „Форд“, опремени со интегрирани радарски системи, камери со висока резолуција и напреден софтвер за моментално лоцирање и документирање на сообраќајни прекршоци.
Овие возила ќе патролираат низ целата држава и ќе го регистрираат пречекорувањето на дозволената брзина во урбани средини, на регионални патишта и на автопатиштата.
Од МВР засега не откриваат кога системот ќе биде пуштен во целосна употреба, ниту дали прекршителите ќе бидат запирани на лице место или казните ќе им пристигнуваат по пошта, како што тоа функционира преку постојниот систем „Safe City“.
Мобилни радари од ваков тип веќе се применуваат во повеќе европски земји, каде што се покажале како многу ефикасни во намалувањето на сообраќајните прекршоци.
Фотографија од внатрешноста на новите возила вчера објави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по посетата на објектот во кој е сместен централниот систем „Безбеден град“ (Safe City), по повод почетокот на пробниот период во кој сторителите ќе добиваат известување за регистрираните прекршоци.
Со последните измени на Законот за безбедност на сообраќајот, сите прекршоци документирани со технички средства – камери, сензори и уреди за снимање – се сметаат за целосно валиден доказ. Во првата фаза ќе се регистрираат брзо возење, поминување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање, а во следната е планирано проширување на листата на прекршоци.



























