
Во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ и оваа година свечено беше одбележан споменот на преподобниот Јоаким Крчовски, со заедничко сослужување на претставници од Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Бугарската православна црква. Чествувањето собра голем број верници и црковни великодостојници, продолжувајќи ја традицијата на заедничко одбележување на делото и духовното наследство на еден од најзначајните просветители и духовници на овие простори.

Од Кумановско-осоговската епархија информираа дека прославата започнала на 22 мај 2026 година, во навечерието на празникот, кога била отслужена Празнична вечерна богослужба со која чиноначалствувал Високопреосвештениот Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј.
На вечерната богослужба молитвено присуствувале и Високопреосвештените митрополити г. Петар и г. Јосиф, како и Преосвештениот Епископ Велбуждски г. Исак од Бугарската православна црква.
Следниот ден, на 23 мај, Осоговскиот манастир бил исполнет со бројни верници кои пристигнале од различни делови на земјата за да присуствуваат на празничната богослужба.
Божествената литургија ја предводел Високопреосвештениот Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Високопреосвештените митрополити Кумановско-осоговски г. Григориј, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Австралиско-новозеландски г. Никола, пензионираниот Кумановско-осоговски митрополит г. Јосиф, како и Преосвештениот Епископ Браницки г. Јован, прв викар на Бугарскиот патријарх.
По завршувањето на светата литургија, митрополитот Петар, заедно со присутните архијереи, извршил Мал водосвет, ги благословил кумските колачи, а бил благословен и куполниот крст кој ќе биде поставен на храмот во конакот што моментално се гради во чест и спомен на преподобниот Јоаким Крчовски.















