Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека никој нема право да ги одземе покачените пензии што пензионерите веќе ги добиле, коментирајќи го протестот пред Уставниот суд и најавените одлуки поврзани со линеарните зголемувања.
Тој потсети дека следното линеарно покачување е предвидено за мартовската пензија во 2026 година и праша како е можно ова зголемување да се оцени како неуставно, ако претходните 6.000 денари се сметаат за уставни.
Мицкоски нагласи дека судиите од Уставниот суд имаат три можни одлуки.
Првата опција е да ги прогласат сите линеарни зголемувања за неуставни, што би значело дека 75% од пензионерите од 1 јануари би имале пониски пензии за 3.000 до 4.000 денари.
Втората опција, според премиерот, е да се бара некаква „неправна логика“ со која само следното покачување би било поништено, а претходните би останале во сила – решение кое тој го оцени како нелогично.
Третата можност е Уставниот суд да утврди дека сите зголемувања се уставни.
„Нема да коментирам дополнително за да не биде протолкувано како притисок врз судиите и обвинителите,“ додаде Мицкоски, истакнувајќи дека ги поддржува пензионерите и дека покачувањата веќе исплатени не смеат да бидат одземени.



























