Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции анализирала 19 од вкупно 25 пристигнати случаи и утврдила дека кај 10 пациенти биле извршени непотребни операции или биле неоправдано упатени на хируршки зафати. Ова го соопшти министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција.
Од останатите случаи, комисијата констатирала дека шест треба да бидат проследени до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, бидејќи не спаѓаат во нејзина надлежност.
Претседавачот на комисијата, д-р Жарко Христовски, истакна дека во оваа прва фаза биле опфатени само пациенти со васкуларни заболувања за кои се анализирала потребата од реваскуларизација. Останатите случаи ќе бидат разгледани по поднесена пријава или во следната фаза од работата на комисијата.























