УТРО.мк

(ФОТО) Македонците во Албанија го одбележаа патронот на црквата „Свети Спас“ во Горно Крчишта

(ФОТО) Македонците во Албанија го одбележаа патронот на црквата „Свети Спас“ во Горно Крчишта
Vero

Македонците од селото Горно Крчишта, во областа Полени во Албанија, традиционално го одбележаа големиот православен празник Вознесение Христово – Спасовден, кој воедно е и патрон на селската црква „Свети Спас“.



Во рамките на одбележувањето се одржаа богослужби во црквите „Свети Спас“, „Свети Димитрија“ и „Свети Никола“, каде верниците се собраа заеднички да го одбележат празникот и да ја продолжат долгогодишната духовна традиција.

На чествувањето присуствуваше и делегација на Автокефалната православна црква на Албанија, предводена од отец Јован Коровеши.

Во текот на празничните активности беше одржана и заедничка богослужба на која присуствуваа Македонци од Ербеле и Крчишта, како и лица со потекло од овие села кои денес живеат во различни градови во Албанија и Македонија.

Верниците посебно ја истакнаа грижата и поддршката од архиепископот Јоан за идната реставрација на црквата „Свети Димитрија“, оценувајќи дека ваквите активности претставуваат значаен чекор во зачувувањето на духовното и културното наследство на Македонците во овој регион.

На крајот од средбата било договорено вакви собири да се организираат почесто во текот на годината, со цел дополнително зајакнување на заедништвото и зачувување на верскиот живот.

Иако денес во овие села останале само неколку македонски семејства, а голем дел од населението се иселило, Македонците кои живеат низ различни делови на Албанија и Македонија и понатаму не го забораваат своето потекло, традиција и јазик, кој според сведоштвата и натаму активно се зборува меѓу нив.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран