Православните христијани денеска ја одбележуваат Митровденската задушница, ден посветен на спомен и молитва за покој на душите на починатите. Задушницата секогаш се паѓа во сабота – ден кој Црквата го посветила на помен и молитва за упокоените.
На овој ден, верниците присуствуваат на литургија и парастос во црквите, а потоа ги посетуваат гробиштата каде со молитва, варена пченица, лепче и црвено вино оддаваат почит на своите ближни. Според традицијата, верните даваат и милостина на сиромашните и се молат за душевен мир на упокоените.
Митровденската задушница секогаш се одбележува во саботата пред празникот Свети Димитриј – Митровден, а потекнува од XIV век. Првично, оваа задушница била руска традиција, поврзана со сеќавањето на паднатите православни војници во битката на Куликовското поле во 1380 година, меѓу кои и монасите Александар Пересвјат и Ослабја од Московската обител на Живоначалната Троица.
По иницијатива на кнезот Димитриј Донски, кој по победата го посетил манастирот и присуствувал на поменот, Црквата востановила овој ден да се одбележува секоја година во саботата пред Митровден. Со текот на времето, Митровденската задушница станала вселенска родителска сабота, кога се извршува помен не само за паднатите во војни, туку и за сите починати.































