Во четврток православните верници ќе го чествуваат големиот црковен празник Воведение на Пресвета Богородица, меѓу народот познат како Пречиста. Празникот ја одбележува посветата на Богородица на Бога и нејзиното внесување во Ерусалимскиот храм.
Според светото предание, кога Пресветата Дева Марија наполнила три години, нејзините родители – Светите Јоаким и Ана – го исполниле своето ветување и ја довеле од Назарет во Ерусалим, за да ја посветат на служба во храмот. Иако патот траел три дена, Нивната мисија била богоугодна, а придружувале и многубројни роднини и девици со запалени свеќи.
Пред храмот се наоѓале петнаесет скалила. Родителите ја поставиле Дева Марија на првото, а таа сама, лесно и бргу, се искачила до врвот, каде што ја пречекал првосвештеникот Захарија – таткото на Св. Јован Крстител. Тој, воден од Божја промисла, ја вовел не само во храмот, туку и во најсветото место – Светињата на светињите, каде што инаку влегувал само архиерејот.
Свети Теофилакт Охридски забележува дека Захарија бил „обземен од Бога“, објаснувајќи го овој необичен чин. По принесените жртви, Јоаким и Ана се вратиле дома, а Марија останала во храмот, каде што поминала девет години во молитва и чистота. Родителите често ја посетувале додека биле живи.
По нивната смрт, Марија останала сама и не сакала да се оддалечи од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа било несвообичаено за тогашниот Израил, на дванаесет години била доверена на Св. Јосиф, кој ја примил под покров со цел да се исполни Законот, а таа да го продолжи својот завет на девственост. Пресвета Богородица е првата жена која дала доживотен завет на девственост, а по нејзиниот пример подоцна тргнале мнозина.
Празникот Пречиста е еден од најзначајните Богородични празници во православната традиција и се слави со посебна почит меѓу верниците.



























