
Имаат огромни профити, но колкави плати даваат? Порталот Пари, во соработка со Бизнис мрежа, го бара одговорот во анализата за просечни плати на фирмите што се на листата 100 најголеми по добивка. На оваа листа се фирми со добивки од 3 милиони евра до 73,15 милиони евра. Платите се движат од 3.000 денари во Друштвото за трговија на големо и мало МА ТРУСТ ДОО Скопје, до 254.796 денари во Друштвото за приредување игри на среќа КАСИНОС АУСТРИА ИНТЕРНАТИОНАЛ МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје. Но, и фирмата со највисоката и фирмата со најниската плата се специфични. И двете се со по еден вработен.
КОИ ФИРМИ ДАВАЛЕ НАЈВИСОКИ ПЛАТИ?
Прoсечна плата од 100.000 денари во Македонија не е вообичаена. Но, 6 компании во друштвото 100 најголеми по добивка имаат просечна плата над 100.000 денари.
КАСИНОС АУСТРИА ИНТЕРНАТИОНАЛ МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје е дом на едниот вработен со плата од околу 4.000 евра. Таму приходот е 9,8 милиони евра, а добивката е 8,7 милиони евра. КАСИНОС АУСТРИА ИНТЕРНАТИОНАЛ МАКЕДОНИЈА е сопственик во Државна видеолотарија на Република Македонија.
Второ по највисока просечна плата е Друштвото за градежништво, трговија и услуги А ПЛУС ИНЖИНЕРИНГ ДОО Скопје. Таму има 6 вработени, а просечната плата е 160.903 денари. Фирмата направила приход од 12,4 милиони евра, а нето-добивката ѝ била 4,2 милиони евра.
Во Друштвото за компјутерско програмирање АКСАПТА МАСТЕРС ДОО Скопје просечната платае 135.570 денари, има 311 вработен, ланскиот приход бил 20,4 милиони евра, а добивката изнесувала 4,7 милиони евра.
Слична просечна плата има и во Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД-Скопје. Таму просекот за 70 вработени е 133.743 денари. Друштвото лани остварило приход од 159,1 милион евра и нето-добивка од 10,6 милиони евра.

















