Најголемите акционери на „Гранит“, семејството Милковски, го зголемија својот удел во компанијата со нова серија купопродажби на вкупно 35.776 акции, во вредност од приближно еден милион евра. Акциите се купени по цена меѓу 1.680 и 1.700 денари, колку што изнесуваше просечната берзанска вредност во последните денови.
Според податоците објавени преку Македонската берза, дел од членовите на Управниот и Надзорниот одбор лично се стекнале со акции:
Страшо Милковски, претседател на Управниот одбор – 8.760 акции
Зоран Милковски, член на Управниот одбор – 12.300 акции
Ивана Милковска-Симева, претседател на Надзорниот одбор – 14.716 акции
Во последните денови од октомври се реализирани три блок-трансакции. Најголемата, од 29 октомври, изнесувала 56,7 милиони денари (околу 922 илјади евра) за 33.360 акции, додека на 31 октомври биле купени уште 2.000 акции во вредност од 3,4 милиони денари (55 илјади евра). На 27 октомври е изведена и помала трансакција со 2.340 акции, вредна 3,97 милиони денари (64 илјади евра).
Во септември исто така беше реализирана значајна зделка со 49.162 акции, што претставува 1,6% од основната главнина на градежната компанија, вредна 1,56 милиони евра.
Акцијата на „Гранит“ останува една од најактивните на Македонската берза – само денес е остварен промет од 8,66 милиони денари (околу 141 илјада евра) со истргувани 5.130 акции по просечна цена од 1.689 денари.























