УТРО.мк

РКЕ: Не очекуваат промени во цените за пренос и дистрибуција на струја

РКЕ: Не очекуваат промени во цените за пренос и дистрибуција на струја
Vero

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) најави дека до крајот на овој или на почетокот на следниот месец ќе ги објави новите цени за пренос и дистрибуција на електричната енергија. Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, не се очекуваат значителни промени во овој сегмент.

„МЕПСО побара минимално зголемување од 0,67 проценти за пренос на електрична енергија, операторот на пазарот не побара зголемување, а ’Електродистрибуција’ нема наведено во своето барање“, изјави Бислимоски, кој денеска присуствуваше на третата конференција на МАРЕС, посветена на структурирање на иднината на обновливата енергија.

Тој објасни дека во текот на овој месец ќе се одржи тендерот за набавка на загуби на електрична енергија – процес кој има големо влијание врз крајната цена на струјата. Откако ќе завршат овие постапки, ќе бидат познати конечните цени што ги утврдува РКЕ.

По завршување на тендерот за универзалниот снабдувач, согласно новиот Закон за енергетика, компанијата „ЕВН Хоум“ ќе ја соопшти новата цена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.

Од МЕПСО, пак, порачуваат дека граѓаните можат да бидат спокојни, бидејќи не се очекуваат прекини во снабдувањето во текот на зимата, благодарение на континуираните инвестиции.

„Во континуитет инвестираме, имаме и голем број на активни проекти кои во моментот се реализираат“, изјави Александар Пауноски од МЕПСО.

Тој ги посочи проектите како изградбата на 110-киловолтниот далекувод Прилеп – Битола, продолжувањето на договорот за интерконекција меѓу Македонија и Албанија, како и инсталирањето на реактор за реактивна енергија во 400-киловолтната трафостаница Дуброво.

Од МЕПСО дополнително информираа дека аплицираат за бројни грантови преку механизмот за инвестирање во Западен Балкан, со цел надградба и модернизација на преносната мрежа, што ќе обезбеди стабилно и непрекинато снабдување со електрична енергија.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран