На свеченото одбележување на 20-годишнината од Договорот за Енергетската заедница, што се одржа во Атина, Македонија повторно беше истакната како позитивен пример во регионалната соработка и енергетските реформи. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја предводеше македонската делегација и доби јасна поддршка од европските партнери за реформските процеси што ги води земјата.

„Гордa сум што нашата работа не само што повторно беше препознаена и поздравена, туку ова признание доаѓа од најрелевантни гласови – европски чинители, експерти и колеги со долгогодишно искуство,“ изјави Божиновска, нагласувајќи дека резултатите што ги постигнала Македонија се конкретни и мерливи, а земјата конечно се гледа како партнер што нуди решенија, а не само што следи насоки.

Според Божиновска, ова е доказ дека кога сите земји во регионот гледаат кон иста цел – стабилна, зелена и европска енергетска иднина – тогаш регионалната соработка станува вистински мотор на промените. Таа додаде дека сите реформи што се спроведуваат се во интерес на граѓаните и економијата, без популизам и дневна политика.

„Дваесет години заедништво нè научија дека најсилни сме кога имаме визија, солидарност и храброст да одиме напред – заедно,“ порача Божиновска.

Македонија, рече таа, останува активен, одговорен и самоуверен партнер во градењето модерна, конкурентна и зелена енергетска иднина.