Голема количина нелегални тутунски производи е запленета утрово во Тетово, откако полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции го запреле патничко возило „Ауди“ со тетовски регистарски таблички.
Како што информира МВР, во возилото управувано од А.С. (45) од селото Горно Палчиште, општина Боговиње, биле пронајдени 49 кутии со филтри за цигари, 70 штеки (вкупно 700 кутии) цигари без бандероли, 19 машинки за полнење цигари, како и 98 килограми дробен тутун.
А.С. веднаш бил лишен од слобода, а против него ќе биде поднесена кривична пријава за дела поврзани со неовластено производство, продажба и складирање на акцизни добра, согласно членовите 278-б и 279 од Кривичниот законик.
Од МВР најавуваат засилени контроли во наредниот период со цел сузбивање на нелегалната трговија со тутун и цигари, која, како што велат, сериозно ја поткопува економијата и јавните приходи.