
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 36-годишен жител на Скопје, осомничен за кривичните дела телесна повреда, загрозување на сигурноста и предизвикување општа опасност, по инцидент на семејно насилство што се случил во неговиот дом.
Според информациите од Обвинителството, настанот се случил околу полноќ, кога осомничениот најпрво физички ја нападнал сопругата и нејзината мајка. Потоа, како што се наведува, им упатувал сериозни закани на сопругата и на нивните две малолетни деца, создавајќи чувство на страв и несигурност кај присутните.
Кога сопругата побарала да престане со насилното однесување, тој ја оттурнал и ѝ нанел телесни повреди. Во продолжение оштетувал покуќнина, а со клуб маса ја повредил мајката на сопругата во пределот на ногата и градниот кош.
Според Обвинителството, во текот на инцидентот осомничениот извадил и нож, со кој замавнувал пред присутните, дополнително зголемувајќи го чувството на загрозеност.
Откако сопругата ги повикала нејзиниот татко и брат да помогнат, осомничениот продолжил со заканите и кон нив. Потоа го пуштил и своето куче од расата шарпланинец, кое нападнало едно од присутните лица и му нанело повреди на надлактицата и потколеницата.
Имајќи ги предвид сериозноста на настанот, можноста за бегство и опасноста од повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

















