Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против тројца лица осомничени за тешка кражба на високоенергетски и среднонапонски кабли од кругот на фабриката „Железара“ во Скопје. Вкупната материјална штета е проценета на околу 440 илјади евра, соопштија од Обвинителството.
Според истрагата, обвинетите, заедно со уште неидентификувани лица, во периодот од март до почетокот на мај оваа година од објектите на „Полуконти – ИГМ“ и од подземните тунели низ кои минуваат кабли за напојување со електрична енергија, одзеле повеќе километри кабли во сопственост на АД ЕСМ – Електрани на РСМ, Подружница енергетика Скопје и Макстил АД Скопје.
Кражбите се изведувале во повеќе наврати – осомничените преку отвори со скалила навлегувале во подземните тунели, проверувале дали каблите се без напон, а потоа со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале за транспорт.
На 9 април, при една од кражбите, предизвикале пожар во трафостаницата ТС Југ, што предизвикало дополнителна штета од над 100 илјади евра и прекин во дистрибуцијата на електрична енергија вреден околу 60 илјади евра.
Инцидентот кулминирал на 6 мај, кога тројцата со возило „Фолксваген голф“ дошле да ги изнесат подготвените кабли, но при удар со кабел еден од нив се повредил. По кратка посета на Ургентниот центар „Мајка Тереза“, осомничените се вратиле на местото на настанот за да ги приберат алатите, но биле фатени на лице место и лишени од слобода при излезот од кругот на фабриката.
Јавниот обвинител побара продолжување на притворот за сите тројца обвинети поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото.































