Односите помеѓу хрватските угостители и туристите од Чешка годинава се особено затегнати – едните се жалат на ниската потрошувачка, другите на енормните цени. Долгогодишната љубов на Чесите кон хрватското крајбрежје очигледно добива нова димензија – конфликтна, пишуваат балканските медиуми.
Иако Хрватска со децении е една од омилените летни дестинации за граѓаните на Чешка, многумина од локалното население немаат баш најпозитивно мислење за нив. Туристите од Чешка често доаѓаат со полни торби храна од дома – најчесто конзерви и паштети – што предизвикало и појавување на навредливиот прекар „паштетари“, како што го нарекуваат Хрватите.
И покрај тоа што е 2025 година, стереотипот за Чесите како туристи кои не трошат пари во локалните ресторани не исчезнал. Напротив – за некои станал уште поизразен.
„Да, така изгледа просечниот Чех. И морам да признаам дека голем дел од нив навистина се вклопуваат во таа слика“, вели Ивица, сопственик на ресторан во Сплит.
„Не ги сакам премногу Чесите“
Неговиот колега Анте е уште поотворен:
„Не ги сакам премногу Чесите. Кај мене се на дното на листата на приоритети. Секогаш давам предност на Германци, Австријци или Холанѓани. Понекогаш доаѓаат, седнуваат без да прашаат, а ние им даваме до знаење дека не се добредојдени – најчесто така што ги игнорираме.“
Анте додава дека приходот од маса на која седат Чеси е речиси двојно помал од приходот кога таму седат туристи од други земји. Освен тоа, честопати оставаат симболичен бакшиш, под 10 отсто, што во Хрватска се смета за минимално и непристојно.
Освен како „паштетари“, Чесите се познати и по прекарот „пивождери“, поради нивната љубов кон пивото. Но, бидејќи цената на пивото на хрватското крајбрежје достигнува и до 6 евра, многумина од нив сè погласно негодуваат – дури и јавно, по ресторани. Поради тоа, многу угостители одлучуваат да не ја таргетираат оваа клиентела, туку да се фокусираат на посилно платежни гости.
Чесите возвраќаат: Преиспитајте ги цените
Чешките туристи, пак, имаат свое гледиште – и бараат од хрватските домаќини да ја преиспитаат својата ценовна политика.
„Разговаравме со Германци кои се во шок од тоа колку поскапела храната во рестораните. Навикнати се да јадат надвор, но сега едноставно не можат да си го дозволат тоа. Ова не го очекуваа“, изјави Јан од Бероун, додавајќи дека најмногу поскапеле морските плодови.
Ниту пивото не поминува подобро.
„Пивото во просек чини 5 евра, понекогаш и повеќе. Тоа е поскапо отколку во Германија. А тоа овде е стандард – поевтино речиси и да нема. Делува како да има неформален договор меѓу угостителите да ги држат цените високо“, додава Јан.
На крајот, тој заклучува дека поскапо од Хрватска се можеби само Франција и Данска – што е уште еден индикатор дека Јадранот можеби полека го губи имиџот на пристапна туристичка дестинација.