Албанскиот премиер Еди Рама на заедничката прес-конференција во Рим со италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека Албанија стои цврсто зад договорот за мигрантските кампови, и покрај тоа што тој две години не е функционален поради одлуките на Европскиот и италијанскиот суд.
Одговарајќи на прашање на новинар од РАИ 3 дали се кае за договорот, Рама рече дека „доколку Италија повторно го побара, би го потпишал истиот договор стопати“. Според него, оваа поддршка е исклучителна за Италија и не важи за други држави.
„Италија може да побара од Албанија што сака, и ние ќе кажеме да“, нагласи Рама.
Италијанската премиерка Мелони го оцени договорот како „длабоко европски“, истакнувајќи дека миграциските предизвици може да се решаваат само со тесна соработка помеѓу земјите од ЕУ и партнерите надвор од Унијата.
Во Шенѓин веќе е изграден прифатен центар, а во поранешната база Ѓадр камп за мигранти, каде што се предвидуваше годишно да поминуваат околу 36.000 лица додека го чекаат одговорот за азил од италијанските власти. Сепак, поради одлуките на судовите, проектот практично е стопиран. Досега во три наврати биле донесени околу 50 мигранти фатени во италијанските води, но тие веднаш биле вратени назад, а објектите моментално се празни.



![[ВИДЕО] Автомобил удрил во група луѓе во Белград – има загинати и повредени!](https://wsrv.nl/?url=https://eu-central-1.linodeobjects.com/cmsnebula/screenshot-2025-11-14-133322.png&w=640&q=75&we)



















