УТРО.мк

Хрватски командант: „Граѓаните се неодговорни, имаме 500 пожари повеќе од лани“

Хрватски командант: „Граѓаните се неодговорни, имаме 500 пожари повеќе од лани“
Vero

Главниот командант на хрватските пожарникари, Славко Туцаковиќ, во саботата предупреди дека бројот на пожари ова лето е значително поголем од минатата година, и апелираше до граѓаните да не палат оган на отворено, бидејќи неодговорното однесување создава огромен притисок врз пожарникарските екипи.

„Моментално имаме 501 пожар повеќе од лани, иако површината што е зафатена со оган е за 50% помала. Тоа зборува за големата ефикасност на пожарникарите“, изјави Туцаковиќ во Дневникот на ХРТ.

Тој предупреди дека пожарите избувнуваат не само во природа, туку и во индустриски капацитети и урбани средини. Само вчера горело кај бензинска пумпа во Водице, потоа изби пожар кај Вранско езеро, како и во место Пакоштане – трет пожар на истото подрачје за само три дена.

Особено алармантен е случајот кај Бол, каде што пожарот бил предизвикан од отворен оган – според полицијата, виновници биле шведски туристи кои правеле скара. Во текот на истиот ден гореле и фабрика во Сирач, стиропор во индустриската зона во Задар и стан во Загреб.

„Граѓаните се однесуваат неодговорно. Палeњето оган е строго забрането. Едноставно, не смееме да си го дозволиме тоа во ек на најкритичниот период од пожарната сезона“, порача Туцаковиќ.

Во моментот, се пријавуваат по 24 до 30 пожари дневно, што дополнително ги оптоварува капацитетите на пожарникарските служби. Надлежните апелираат и до туристите – особено на автопатите – да не фрлаат отпушоци и да се воздржат од активности кои можат да предизвикаат пожари.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран