Голем шумски пожар избувна во близина на грчкиот град Коропи, на периферијата на Аттика, на само 16 километри од главниот град Атина. Според информациите на грчката противпожарна служба, пожарот зафатил земјоделско и шумско подрачје долж спореден пат од автопатот Атики Одос.
Во гаснењето на пожарот се вклучени 36 пожарникари со 14 противпожарни возила, како и два противпожарни хеликоптери. Поддршка на теренот даваат и локалните власти, кои обезбедиле дополнителни количини вода преку специјализирани цистерни.
Како што пренесува весникот „Катимерини“, пожарот сè уште е активен, а ветерот и сувата вегетација го отежнуваат неговото ставање под контрола. Засега нема информации за евакуирани жители или причинета материјална штета.
Грчките власти апелираат до населението да биде внимателно и да се воздржи од активности што можат да предизвикаат нови пожари, особено во услови на високи температури и силни ветрови.